Екипите на ЈКП „Гази Баба 2007“ успешно ги завршија сите активности за расчистување на последиците од силното невреме што ја погоди општината, информираше градоначалникот Бобан Стефковски.
Теренските екипи работеа интензивно во изминатите неколку денови, од раните утрински часови до доцна навечер.
Од сите јавни површини беа отстранети паднати дрвја, скршени гранки, оштетена вегетација и друг расфрлан материјал.
Со ова, сите паркови, тротоари и улици на територијата на Општина Гази Баба се повторно целосно безбедни и проодни за сите граѓани.
Стефковски упати јавна благодарност до работниците од комуналното претпријатие за нивната посветеност и ангажман.
„Со голема пожртвуваност, професионалност и несебична посветеност, вработените во ЈКП „Гази Баба 2007“ покажаа што значи одговорно да се служи на граѓаните. Тие се луѓето кои секогаш се на првата линија кога општината и граѓаните имаат најголема потреба. Изразувам искрена благодарност до секој вработен во ЈКП „Гази Баба 2007“ за вложениот труд, посветеноста и несебичната работа во изминатите денови“, порача градоначалникот.
Тој се заблагодари и на жителите на општината за изразеното разбирање додека траеше остранувањето на штетите.
„Благодарност упатувам и до сите граѓани за покажаното трпение, разбирање и поддршка додека траеше расчистувањето. Заеднички покажавме дека со добра организација, посветена работа и меѓусебна солидарност, секој предизвик може успешно да се надмине“, додаде Стефковски.


