Албанскиот премиер Еди Рама денеска ги повика граѓаните на мир по насилните антивладини протести во земјата, обвинувајќи странски сили и опозицијата за инцидентите.
Според него, демонстрациите немаат за цел подобрување на животниот стандард, туку дестабилизација на државата.
„Протестите немаат ’апсолутно никаква врска‘ со тешките услови за живот во Албанија или легитимна желба за подобрување на тие услови“, рече Рама, додавајќи дека „раце од странство“ поттикнуваат немири за да се блокира европскиот пат на земјата.
Албанскиот премиер се обрати преку видео-попорака објавена на неговиот официјален профил.
„Сето тоа е дело на истата рака, раката што ја зграпчи албанската опозиција за грлото и што ја гореше и уништи Албанија повеќе од еднаш“, рече Рама во видео објавено на Фејсбук, без да даде дополнителни детали.
Тој додаде дека ова се „странски раце што не сакаат Албанија да живее во мир“.
Оваа реакција следува откако претходниот ден Рама директно ја обвини албанската опозиција за организација на протестите кои ескалираа во судири и насилство.


