Претседателот на комисијата за образование и наука на СДСМ, Јованче Манасков, на денешната прес-конференција објави скандал со кој, според партијата, власта се обидува да го сокрие случајот во кој раководни лица од училиште биле во казино за време на ученичка екскурзија.

Според информациите и материјалите со кои располага СДСМ, за време на екскурзија во Монте Карло, директорката на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ѓорѓи Наумов“ од Битола, Жанета Сервини, и помошник-директорот Љупчо Здравковски, биле на слот машини во казино, додека малолетните ученици ги чекале во холот.

Манасков нагласи дека партијата поседува видеа и фотографии од настанот и побара итна одговорност.

„Денеска објавуваме голем скандал во образованието кој очигледно некое време власта се обидува да го сокрие и да го заташка. Деца од училиште однесени во казино во Монте Карло! За директорката и помошникот директор да се коцкаат. Да, добро ме слушнавте. Имаме и видеа и фотографии“, рече Манасков.

Од СДСМ ја повикаа министерката Весна Јаневска итно да изврши надзор и да поведе постапка за разрешување на сите инволвирани лица.

Exit mobile version