Рачна бомба фрлена од возило во движење предизвика силна експлозија пред угостителски објект во тетовското село Добарце, при што две лица се здобиле со повреди.

Нападот се случил во глуво доба на ноќта, кога непознати сторители со патничко возило „цитроен“ поминале покрај локалниот пат каде што се наоѓа ресторанот и ја активирале експлозивната направа кон објектот.

Како последица од силното детонирање, во Клиничката болница во Тетово итно биле пренесени 57-годишниот Е.А. од село Чифлик и 60-годишниот Г.Ф. од село Добарце, кои во тој момент се наоѓале во кругот на ресторанот.

На местото на овој сериозен инцидент експресно излегле криминалистички техничари од СВР Тетово кои при увидот, покрај трагите од бомбата, пронашле и чаури од пиштол, по што веднаш бил известен и дежурен јавен обвинител.

Полициските тимови веќе работат на терен и преземаат опсежни оперативни мерки за идентификација на возилото, пронаоѓање на бомбашот и целосно расчистување на случајот.

Exit mobile version