Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска точно во 12:05 часот ќе одржи голем работнички протест во Скопје. Главните барања на Синдикатот се јасни и децидни – зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарно покачување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари.
Протестниот марш ќе започне пред Работничкиот дом (зградата на ССМ на улицата „Мирче Ацев“), по што работниците ќе се упатат кон клучните институции. Рутата ќе се движи низ центарот на градот, со предвидени застанувања пред Собранието, Стопанската комора и пред Владата на булеварот „Илинден“. Токму на овие локации, претставниците на ССМ ќе ги испорачаат своите пораки до надлежните и до работодавачите.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, претходно појасни дека одлуката за излегување на улица е резултат на континуираното игнорирање на нивните барања. Синдикатот категорично го отфрла предвиденото законско усогласување на минималната плата од само 1.667 денари, посочувајќи дека таа сума не е доволна ниту да ја покрие зголемената вредност на синдикалната потрошувачка кошничка.
Како дополнителен аргумент за неопходноста од повисоки примања, од ССМ посочуваат на алармантните податоци од Управата за јавни приходи (УЈП), според кои дури една третина од вработените во државата земаат плата пониска од 30.000 денари. За да се обезбеди масовност на протестот, која Синдикатот ја смета за клучна,организиран е бесплатен превоз за работниците од другите градови низ државата.


