Општина Карпош ќе обезбеди бесплатни часови по пливање за сите деца од прво до трето одделение, а влезот на новоотворениот базен за сите ученици од оваа општина ќе биде целосно бесплатен, најави денеска заменик-градоначалникот Неделчо Крстевски.

Новиот спортски објект денеска беше свечено пуштен во употреба, а неговите димензии и карактеристики се целосно прилагодени за потребите на најмладите.

Базенот е широк девет метри, долг е 25 метри, а длабочината му е од 0,8 до 1,2 метри.

Локалните власти истакнаа дека целта на овој проект е масовно вклучување на децата во спортските активности и правилен физички развој.

„Го преземаме како Општина Карпош овој, слободно кажано, маркантен базен за Општината кој ќе го користат најмладите. Со оглед на тоа што, согласно димензиите, тој е наменет токму за најмладите, Општина Карпош во наредниот период, заедно со основните училишта, ќе обезбеди децата од прво до трето одделение да имаат бесплатни часови по пливање. Во наредните неколку години нашата цел е сите дечиња до деветгодишна возраст во Карпош да знаат да пливаат“, рече заменик-градоначалникот Крстевски.

Капиталниот спортски објект е реализиран со финансиска поддршка од централната власт, поточно преку ресорното министерство.

Базенот е широк девет метри, долг е 25 метри, а длабочината му е од 0,80 до 1,2 метри. За неговата изградба Министерството за спорт потроши околу 760 илјади евра.

На свеченото отворање присуствуваше и државниот врв, при што во новиот базен, покрај заменик-градоначалникот се прошетаа и премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски.

Настанот помина и во знак на политички прашања поврзани со раководењето на Општината и отсуството на првиот човек на Карпош.

Премиерот, одговарајќи на новинарски прашања по свеченото пуштање во употреба на базенот, не одговори конкретно на прашањето колку време градоначалникот Сотир Лукровски, кој не доаѓа во Општината повеќе од еден месец, ќе биде на боледување. Мицкоски уште еднаш кажа дека боледувањето на Лукровски е личен момент и тој не сака да го коментира, но ги осуди, како што рече, „политичките глодачи“ кои на туѓа мака се обидуваат да добијат поени.

Exit mobile version