Две лица се убиени, а три се повредени во жестока пукотница што денеска се случи во францускиот град Ница. Инцидентот се случил на плоштадот „Амарилис“ во населбата Мулен, каде напаѓачи од возило во движење отвориле оган кон случајни минувачи.

Според информациите на „Le Parisien“, еден од повредените е во критична состојба. Напаѓачите по пукањето веднаш побегнале од местото на настанот, а полицијата трага по возилото.

Поради пукотницата, сите училишта во населбата и средното училиште „Жил Ромен“ беа привремено блокирани. Регионалниот образовен орган за „TV BFM Nice Côte d’Azur“ потврди дека областа е брзо обезбедена и училиштата се повторно отворени.

Градоначалникот на Ница, Ерик Чоти, изрази жалење за жртвите и упати остра порака до државните власти. „Војната против трговијата со дрога не смее да заврши со пораз на Републиката. Ница очекува одговор што е достоен за задачата, особено во однос на бројот на персонал, кој на нашиот град му недостигаше со години“, објави Чоти на социјалните мрежи.

Префектот на департманот Алпи-Маритим ги повика граѓаните да ја избегнуваат областа за да не ги попречуваат итните служби и полициската истрага. Инцидентот се случува во период на високи тензии во градот поврзани со пресметки меѓу нарко-кланови.

Exit mobile version