Светската здравствена организација (СЗО) денеска објави ажуриран извештај според кој досега се регистрирани девет случаи на инфекција со хантавирус. Од нив, седум се официјално потврдени во овој бран на епидемијата, што е за еден случај повеќе од претходниот извештај.

„Досега се пријавени девет случаи на хантавирус, од кои седум се потврдени во овој бран на епидемијата. Овој број е еден повеќе отколку во претходната верзија на извештајот. Најновиот случај е потврден во Франција“, соопштија од СЗО. Француската министерка за здравство, Стефани Рис, потврди дека состојбата на една пациентка која се вратила од Тенерифе се влошила.

Во исто време, капетанот на крузерот „Хондиус“, Јан Доброговски, се обрати преку видео порака по шестнеделното патување кое беше епицентар на заразата. Тој упати почит до жртвите и им се заблагодари на патниците за трпението.

„Ја видов вашата загриженост, вашето единство и тивката сила на сите на бродот – и патниците и екипажот“, порача Доброговски. Тој побара приватност за семејствата на погодените и додаде: „Заедно пловевме низ морињата низ оваа тешка ситуација. Сега се надеваме дека ќе ги видиме сите безбедно дома“.

Exit mobile version