Први снимки од Киев: Експлозии го стресоа градот, најмалку едно лице загина (ВИДЕО)

 

Четири експлозии го потресоа утринава Киев. Гранатирањето се случи во станбена зона во близина на центарот на градот каде избувнал пожар и извирал густ сив чад, јави агенцијата Франс прес.

Експлозиите се слушнале околу половина час по означената воздушна опасност во главниот град, кој не беше цел на руското бомбардирање околу три недели.

„Уште експлозии во областа Шевченковски“, напиша градоначалникот Виталиј Кличко на Телеграм.

„Амбулантни возила и спасувачи се на терен. Во тек е спасување и евакуација на жителите во две згради“, додаде тој.

Едно лице загина, според непотврдени информации на Јулија Мендел, поранешна портпаролка на претседателот.

Украинската пратеничка Лесија Василенко објави дека жртвата е татко на седумгодишно девојче кое е повредено во нападот. Таа рече и дека биле испукани најмалку осум проектили.

Претходно нејзиниот колега пратеник Олексеј Гончаренко изјави дека се лансирани 14 проектили.

Во тек е спасувачка акција за извлекување на луѓето кои се заглавени во урнатините.

26.06.2022 - 12:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа