„Министерството за транспорт започна постапка за склучување спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арабија, со што ќе се воспостави правна рамка за отворање редовни авиолинии со таа држава.

Досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај, и се очекува воспоставувањето на редовни линии да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.

Со спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците и воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, се гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди.

Македонија и Саудиска Арабија негуваат пријателски односи, со заедничка заложба за унапредување на економската и трговската соработка, зголемување на инвестициите и продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Министерството за транспорт истакнува дека склучувањето вакви спогодби е важен инструмент за подобрување на поврзаноста меѓу државите и зајакнување на економската, политичка и институционална соработка, и во следниот период ќе се преземат сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.“

Exit mobile version