Меѓународната вселенска станица (МВС) за првпат во својата историја од 1998 година стана место на итна медицинска евакуација. Четворица астронаути ја напуштија станицата еден месец порано од предвиденото, по налог на НАСА, поради ненадејни здравствени проблеми на еден од членовите на екипажот.
НАСА не го соопшти идентитетот на заболениот астронаут ниту неговата дијагноза, но потврди дека неговата состојба е стабилна и дека враќањето на Земјата е неопходно.
„Мисијата е скратена поради медицинска состојба. Астронаутите треба да слетаат во морето покрај брегот на Калифорнија“, информираат од американската вселенска агенција.
Командата на станицата е предадена на рускиот космонаут Сергеј Куд-Сверчков, кој останува во орбитата со уште двајца колеги.

