Во Цирих се одржа протест против американскиот претседател Доналд Трамп и неговото учество на Светскиот економски форум во Давос. Демонстрантите ги обвинија и швајцарските власти дека со поканата му даваат легитимитет на, како што наведоа, авторитарна и плутократска политика.
Група учесници на протестот се движеа низ централните градски улици со слоганот „Трамп не е добредојден!“, при што беше запалено и американското знаме.
За време на протестот дојде до помали судири меѓу полицијата и демонстрантите. Полицијата интервенираше со опрема за сузбивање нереди, користејќи водни топови и солзавец, додека дел од медиумите објавија дека демонстрантите употребувале пиротехника и огномет.
Според информациите на градската полиција, објавени од Swissinfo, тројца полицајци се полесно повредени, а едно лице е уапсено.
Слични протести против присуството на Трамп и одржувањето на Светскиот економски форум беа регистрирани и во други делови на Швајцарија, меѓу кои и во главниот град Берн.

