Протести против дигитализација на учебниците (ФОТО)

Родителите дел од Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ излегоа на протести во Скопје и други градови ширум Македонија.

Инцијативата е против донесување на Законот за учебници со кој се предвидува дигитализација на учебниците.

Во главниот град протестниот марш почна пред Министерството за образование, продолжи до Влада, а заврши пред Собранието. Како главно барање е воведување задолжителен референдум за сите образовани реформи.

Во другите градови родителите се собираа пред општинските згради. Поддршка добија и од средношколската организација „Средношколски глас“. Средношколците од оваа организација велат дека ќе ги поддржат родителите поради ароганцијата на министерката Мила Царовска и, како што велат, уништовањето на образованието.

-Сакаме да нѐ слушнете, имаме многу што да кажеме за доброто на сите. И вие сте родител, имајте разбирање и слушнете нѐ. Стоп за избрзани реформи, Стоп за дигитализација на овој начин. Сакаме хартиени учебници и сакаме нормално да учиме назад во школските клупи, велат од Средношколски глас.

Сепак, протестите не добија поддршка од Сојузот на средношколци. Ставот на Сојузот е дека дигитализацијата е чекор напред, но треба да се гледа белгискиот модел на дигитализација каде учениците имаат опција да изберат дали сакаат да учат од дигитални или од хартиени учебници.

За Министерството за образование и наука протестите се апсурдни.

-Министерството за образование и наука целосно го легитимира правото на протест на граѓаните, затоа што е уставно загарантирано. Но сепак, причината поради која се користи ова право, не е оправдана. Апсурдно е да се протестира против дигитализација на образованието, ако се има предвид дека тоа е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а Северна Македонија мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование, кои ги наметнуваат развиените општества.Промените мора да се случат. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на нивно интегрирање во системот, се вели во дописот од МОН.

Протестите ги скараа и политичките партии. За ВМРО-ДПМНЕ протестите се одговор на ароганцијата на Царовска. За СДСМ, пак, тие се партиски и немаат поддршка од народот.

Новата портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева на прес-конференција рече дека дигитализацијата ќе има негативен ефект кон учениците и наставниците.

-Царовска задолжително да ги слушне барањата на родителите, учениците и наставниците. Нејзината улога е за нив и нивните потреби, а не обратно. Додека јавноста апелира да се развие план и програма како ќе се функционира на есен во училиште, Царовска се уште не дава никаков одговор. Во скандалозниот закон кој во Собранието се најде со европско знаменце јасно може да се процени дека постои голема можност учениците од прво и четврто одделение да останат без учебници за наставната програма. Тоа е наведено во член 32 од Законот кој вели: Материјалите за учење за наставните предмети во прво и во четврто одделение во основното образование, издадени од Бирото во учебната 2020/2021 година, продолжуваат да се користат како учебници во наредните учебни години, до донесување на нови наставни програми. Исто така, дискриминацијата помеѓу децата ќе станува евидентна, а тоа не смее да си го дозволи една држава особено не во образованието кое е столбот на државата. Не можеме да зборуваме за дигитализација додека во училиштата имаме неплатени сметки за греење, додека училиштата имаат долгови за превоз на учениците, додека немаме обезбедени инфраструктурни услови за тоа, рече Митева на прес-конференција.

Реагираше владејачката партија која вели дека протестите биле тотално фијаско.

-Со недели ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше да манипулира со родителите и учениците, од белиот дворец постојано хушкаа, ширеа невистини и лажни вести, се затскриваа зад наводни граѓански иницијативи. Денеска се покажа дека ова се протести на ВМРО-ДПМНЕ на кои освен членови и симпатизери на партијата, немаа никаква поддршка од јавноста. Граѓаните, учениците и нивните родители не подлегнаа на манипулациите од белиот дворец и упатија јасно порака дека не им веруваат на лажните вести пласирани од ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ одново се поразени од граѓаните на кои им е совршено јасно дека се што прави опозициската партије се деструкции, лажни вести и одбрана на криминалот. Затоа ВМРО-ДПМНЕ уште долго ќе остане во опозиција, се вели во дописот од СДСМ.

Претходно и Народниот правобранител, Насер Зибери побара добро да се размисли пред носење на вака крупни реформи. Од Канцеларијата на Народниот правобранител велат дека неопходно е да се обезбедат основни услови за настава, а потоа да се размислува дигитализација. Негодувања има и околу најавата за аудио материјали за децата со оштетен вид.

Народниот правобранител смета дека сите страни треба да бидат консултирани при носење на вакви крупни промени. Потребно е сеопфатна анализа околу подготвеноста на државата за спроведување на дигитализацијата. Правобранителот вели, дигитализацијата е напредок во образованието и треба да се поддржи, но без соодветни предуслов реформата нема да ги даде очекуваните резултати.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.05.2021 - 14:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега