Во судницата во Идризово денеска продолжува судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени. На денешното рочиште се очекува да продолжат воведните зборови на одбраната.
Судењето продолжува откако на минатото рочиште сите 37 обвинети, меѓу кои сопственици, управители, инспектори и поранешни градоначалници, изјавија дека не се чувствуваат виновни за „тешки дела против општата сигурност“.
Дел од обвинетите упатија сочувство кон семејствата на жртвите и нагласија дека го разбираат обвинението, но јасно истакнаа дека не признаваат вина.
Воведни зборови на минатото рочиште веќе дадоа бранителите на сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов, сопственикот на „ММММ Кафе“, Митко Стојанов, обезбедувачот Стојанчо Димитриев и Гроздан Милковски, сопственик на објектот.
Адвокатите нагласија дека нивните клиенти не презеле дејствија кои би имале директна врска со трагичниот настан и дека поседувале валидна документација. Тие најавија изведување на докази и сведоци кои, според нив, ќе потврдат дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на лична вина.
Излагања на обвинетите и одбраната:
- Дејан Јованов (сопственик на клубот): Истакна дека и по девет месеци затвор не може да поверува во трагедијата, нагласувајќи дека како родител никогаш не би дозволил да недостига нешто во клубот каде што се собираат младите, меѓу кои и неговите деца. Изрази сочувство кон семејствата.
- Михаил Јованов (третообвинет): Неговата бранителка изјави дека обвинителството не обезбедило ниту еден доказ и не прецизирало конкретно дејствие што му се става на товар, оценувајќи дека е обвинет само затоа што е син на сопственикот.
- Митко Стојанов (директор на „МММ кафе“): Неговиот бранител, адвокатот Благоја Јованов, истакна дека обвинението е неосновано и дека нема директна причинско-последична врска меѓу неговите постапки и пожарот.
- Гроздан Милковски (сопственик на објектот): Бранителката Лидија Ристовска истакна дека договорот за закуп бил законски склучен, а Милковски не учествувал во градежни активности ниту дал согласност за адаптација на внатрешниот простор.
- Милка Едровска (проектант): Нејзиниот адвокат образложи дека била ангажирана само за сообраќајно решение за паркинг, а не за комплетен проект. Едровска истакна дека постапувала професионално, но констатирала дека магацинскиот објект е адаптиран во дискотека, што не била нејзина одговорност.
Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, претходно најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, како резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.

