Со вкрстени прашања на одбраната кон економското вешто лице, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје продолжи судењето за случајот „Спортски ваучери“, во кој се обвинети 12 лица, меѓу кои и поранешните директори на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и Наумче Мојсовски.

Фокусот на рочиштето беше ставен на наодот за финансиската штета. Вештакот потврди дека не ја анализирал поединечната улога на обвинетите во процесот на евалуација, бидејќи тоа не било дел од неговата наредба, ниту пак анализирал дали спортските друштва оствариле добивка. Сепак, тој категорично ги отфрли тезите на одбраната дека штетата не е прецизно утврдена.

„За ваучерите кои се издадени врз основа на барања по кои е утврден наод во ова вештачење, како и за износот на така издадените ваучери е утврдена штета во овој предмет. Штетата не само што детално е елаборирана и табеларно прикажана, туку и неколку пати е детално објаснета“, истакна вештото лице.

На забелешките дека тој не е експерт за спортска регулатива, вештакот одговори дека неговата експертиза е материјално-финансиско работење и дека анализирал барања, а не спортски апликации.

Exit mobile version