Продолжени карантинот и полицискиот час во Грција , дополнителни рестриктивни мерки во Атина
Полицискиот час, ограничување на движењето со задолжителното испраќање смс пораки со една од шесте опции, задолжителна употреба на маска, како и забрана за движење меѓу региони, се мерките кои повторно се продолжени во Грција, а од утре наутро земјата е поделена на две зони: жолта и црвена, во кои ќе важат посебни правила и мерки, јави дописничката на МИА од Атина.
Новите одлуки на грчката Влада, по препораките на Комисијата на епидемиолози, попладнево беа соопштени на редовната прес конференција во Министерството за здравство на Грција.
Заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас објасни дека во двете зони, ќе важат посебни мерки, а во црвената, односно во регионите со зголемена опасност, вклучени се десет делови од Грција меѓу кои и Атина и регионот Атика.
Во оваа зона, полицискиот час е од 18 часот, со исклучок на Атина, каде што е и понатаму ќе биде од 21 часот, а продавниците ќе бидат затворени и ќе работат само со услугите „click away”.
За продавниците за облека, обувки и книжарниците се воведува услугата „click inside “, односно посета на продавница по претходно закажан и одреден термин.
Во црвените зони, од понеделник ќе се отворат и дел од средните училишта (за учениците од 12 до 15 години), а „постарите” средношколци ќе продолжат со онлајн настава.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа