Секторот за внатрешни работи Штип во текот на изминатото деноноќие документираше два случаи на семејно насилство во регионот, по што две лица завршија во полициска станица.

Првиот инцидент е регистриран во Штип, каде полициски службеници го лишиле од слобода 38-годишниот С.Д. Тој се сомничи дека околу 16:00 часот во семејниот дом физички ја нападнал својата 34-годишна сопруга. На жртвата и биле констатирани повреди во Клиничката болница во Штип.

Вториот случај е евидентиран во виничко село, каде е приведен 59-годишниот Б.Т. од Виница. Како што информираат од полицијата:

„На 04.03.2026 во 00:30 часот во виничко село, полициски службеници од ОВР Виница го лишија од слобода 59 годишниот Б.Т. од Виница, постапувајќи по претходна пријава дека околу 17:00 часот на 3 март агресивно се однесувал и заканувал на неговата 65-годишна партнерка во нејзниот дом во селото“, соопштуваат од СВР-Штип.

За двата настани е известен јавен обвинител. По комплетно документирање на случаите, СВР Штип ќе поднесе соодветни кривични пријави против сторителите.

Exit mobile version