Британската полиција се сомнева дека поранешната министерка Ен Видикомб (78), која беше пронајдена мртва во нејзиниот дом на југот на Англија, всушност е убиена и, како што објави денеска, започна кривична истрага.
Британската полиција денес уапси 26-годишен маж под сомнение дека е поврзан со убиството на поранешната британска министерка и пратеничка Ан Видикомб (78), соопшти полицијата во Девон и Корнвол, наведувајќи дека случајот засега не се третира како тероризам.
На прашањето на Скај њуз дали има индикации дека нападот врз поранешната министерка бил политички мотивиран, помошникот началник на полицијата Мет Лонгман одговори дека засега нема такви сознанија.
„Во оваа фаза од истрагата, немам информации што би укажувале дека станува збор за политички мотивирано кривично дело“, рече тој.
Лонгман, исто така, изјави дека осомничениот е уапсен на адреса во Њутн Абот под сомнение за убиството на Видикомб, пренесува Би-Би-Си.
„Можеме да потврдиме дека 26-годишен маж е уапсен попладнево на адреса во Њутн Абот под сомнение за убиството на Ен Видикомб. Осомничениот, бел британски државјанин, останува во полициски притвор во исчекување на истрагата“, рече Лонгман.
Тој додаде дека случајот не се третира како терористички инцидент, по консултациите со антитерористичките единици како дел од почетната фаза од истрагата.
Лонгман рече дека мажот е уапсен во полициската област Девон и Корнвол.
На прашањето дали осомничениот ја познава Видикомб, Лонгман рече дека би било несоодветно да се детално разработуваат поединечните факти за случајот во оваа фаза.
Одговарајќи на прашања од новинарите, Лонгман рече дека полицијата сè уште не утврдила дали осомничениот имал каква било врска со жртвата.
„За време на истрагата, ние остануваме отворени за сите можности и ги спроведуваме потребните проверки. Сè уште е рано да се зборува за тоа понатаму“, рече тој.
Видикомб „претрпе сериозни повреди“ и беше пронајдена мртва вчера во Хејтор, на работ на Националниот парк Дартмур, соопшти полицијата на Девон и Корнвол, додавајќи дека осомничениот што се бара е „белец“.
Министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд рече дека околностите на нејзината смрт се „крајно вознемирувачки“.
Видикомб беше британска конзервативна пратеничка и извесно време беше министерка задолжена за затворскиот систем на Велика Британија.
Всушност, таа се здоби со слава кога го напушти парламентот и стана учесничка во реалното шоу „Strictly Come Dancing“.
Подоцна, таа се приклучи на партијата Брегзит, се залагаше за излез на Велика Британија од Европската Унија, а подоцна стана и портпаролка на партијата „Реформа на ОК“ на Најџел Фараж


