Да креираме современи политики и да градиме економија – конкурентна, одржлива и ориентирана кон идните генерации, порача заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски, во рамки на свечената академија по повод 65 годишниот јубилеј на економскиот факултет во Прилеп.

-Да создадеме стручни и компетентни кадри, кои не само од амфитеатрите, ќе учат и од практиката за да ги унапредиме јавните финансии, и развиваат институции кои ќе работат транспарентно, отчетно и во вистински интерес на граѓаните, рече Јанкуловски пред професорите, студентите и гостите на одбележувањето.

Јанкуловски најави дека владата ќе работи на зголемување на платите на наставниот и другиот кадар, на зголемување на фондот за наука, за поттикнување на научно-истражувачката работа и на подобрување на студентскиот стандард.

– Трудот, посветеноста, знаењето создаваат резултати кои ја движат нашата држава напред и ја отвораат вратата од нови можности и подобра иднина, рече Јанкуловски.

Деканката на Економскиот факултет, Драгица Оџаклиеска рече дека на прилепскиот економски факултет досега дипломирале 7 751 студент, магистирале 667 студенти и 104 студенти станале доктори на науки.

– Наставно-образовниот процес ги следи современите трендови во развојот на науката во земјата и светот и секогаш се грижи да биде во функција на студентите, на бизнис секторот и на пошироката општествена заедница, рече Оџаклиеска.

Ректорот на универзитетот „Свети Климент Охридски“, Игор Неделковски посочи дека факултетот е најстарата образовна установа при универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола.

-Минатата година Универзитетот го прослави големиот јубилеј – еден век постоење на Институтот за тутун во Прилеп, прва научна членка на универзитетот, а економскиот факултет е најстарата образовна установа на Универзитетот. Силата на овој, и на секој факултет, е во неговите студенти. Преку нив факултетот има силни врски со заедницата, невладиниот сектор и, што е најважно, со бизнис секторот, рече Неделковски.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, рече дека Прилеп има голем бенефит од економскиот факултет зашто влијае на развојот на градот.

-Факултетот е вистински столб на образованието, науката, економскиот развој и не само во Прилеп, туку и во регионот и државата, рече Јовчески.

На свечената академија, Факултетот додели и благодарници на поединци и институции, повеќето од бизнис-секторот со кој соработува.

Leave A Reply

Exit mobile version