Основниот суд во Гостивар им определи мерка притвор во траење од 30 дена на тројцата осомничени во истрагата за загадувањето на водата за пиење во Гостивар.

Постапувајќи по предлогот на Основното јавно обвинителство, судот одлучи осомничените мерката да ја издржуваат во КПУ „Затвор Скопје“.

Судијката Драгослава Веселинова информираше дека судија на претходна постапка во целост го прифатил предлогот на ОЈО Гостивар за Артана Асани, Леон Нуредини и Вадедин Дервиши.

Против нив се води истражна постапка поради основано сомнение за сторено кривично дело „Тешки дела против животната средина и природата“.

Предлогот за притвор до судот го достави јавниот обвинител Хазби Исени по спроведените истражни дејствија.

Според образложението на судот, мерката е определена поради тежината на делото и висината на запретената казна, која предвидува најмалку четири години затвор.

Дополнително, оценето е дека доколку осомничените се бранат од слобода, постои реален ризик од бегство, како и можност да влијаат врз сведоците кои треба да бидат сослушани.

Со оваа одлука, тројцата осомничени остануваат во притвор додека продолжува истрагата за случајот што предизвика епидемија и загриженост кај гостиварци.

Exit mobile version