Засега непознат број луѓе загинаа во силниот земјотрес што денеска ја погоди централната област на Филипините во кој се урнаа стари згради и беше предизвикана паника, јавија локалните медиуми.

Земјотресот бил со јачина од 6,9 степени според Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија (Phivolcs).

Епицентарот бил во морето, во близина на градот Бого во покраината Себу, околу 512 километри јужно од Манила.

– Ова се смета за многу силен земјотрес, изјави директорот на Phivolcs, Тересито Баколкол, во радио-интервју. „Очекуваме штета и очекуваме афтершокови“.

На видеа објавени на социјалните мрежи се гледа како се уриваат објекти, вклучувајќи две цркви во покраината Себу, а луѓе трчаат во паника на јавниот пазар во Себу Сити. Десетици пациенти од болница во Себу биле евакуирани и сега престојуваат на отворено.

Локалните медиуми јавуваат за „повеќе смртни случаи“ во градот Сан Ремихио во покраината Себу, каде што во спортски комплекс се одржувал кошаркарски натпревар во моментот на земјотресот.

Некои од жртвите биле погодени од урнатини додека се обидувале да избегаат од салата, пренесе Manila Bulletin. Полицијата, исто така, известила дека дете загинало затрупано од урнатини додека спиело во својата куќа во Сан Ремихио.

Leave A Reply

Exit mobile version