Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг, предводена од Лота Џонсон Форнавре, во придружба на амбасадорот на Кралството Шведска, Oла Солстром.
Сиљановска-Давкова изрази задоволство од извонредната соработка со шведските пратеници, заснована на взаемна доверба и почит, нагласувајќи дека таквото партнерство претставува основа за натамошно зајакнување на вкупните билатерални односи меѓу двете држави.
Таа потсети дека Шведска е четвртиот најголем билатерален донатор на земјава и дека нејзината поддршка не се огледува само во развојната помош, туку и во улогата на фасилитатор на европските реформи.
Како поранешна членка на Надзорната група за соработка со шведскиот Риксдаг, Сиљановска-Давкова нагласи дека шведската парламентарна демократија отсекогаш била пример од кој можеме да учиме. Според неа, искуството стекнато преку таквата соработка претставува поттик за нови, отворени и конструктивни дијалози што ќе ја зајакнат политичката култура и институционалната зрелост во земјава.
Шведските пратеници изразија отвореност и решеност за продолжување на парламентарната соработката, размена на демократските искуства и помош и поддршка на македонскиот евроинтегративен процес.
Претседателката порача дека напредувањето кон ЕУ мора да се темели на мерит систем, а не на политички условувања и еднострани барања.

