Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната седница на Собранието ги образложи своите предлози за избор на Арлинда Кадри-Шахиновиќ и Сузана Јошевска-Анастасовска за членки на Судскиот совет, нагласувајќи дека изборот е направен врз основа на стручност, компетентност, професионалност и личен интегритет.
Обраќајќи се пред пратениците, Сиљановска-Давкова истакна дека реформите во правосудството мора да ги водат личности со јасен професионален и морален кредибилитет, бидејќи Судскиот совет има клучна улога во стабилизирањето на судскиот систем.
– Од дискусиите овде, и не само овде туку во јавноста општо, јасно беше дека Судскиот совет стана фактор на криза во судството… Двете кандидатки не ги предложив затоа што се жени, туку пред сѐ заради нивната стручност и компетентност, рече претседателката.
Таа потенцираше дека покрај професионалните квалификации, клучна е и етичката димензија, која, според неа, е предуслов за независно и функционално судство.
– Судскиот совет е рентгенот, микроскопот, во него треба да седат луѓе кои ќе треба да оценуваат врз основа на тоа што го имаат како квалификација, но и врз основа на интегритетот и дигнитетот… Во правото најважни се законитоста, уставноста, етиката, бидејќи само таков орган ќе може да одлучува за дисциплинска одговорност, за избор на судии, разрешување судии…, истакна Сиљановска-Давкова.
Претседателката нагласи дека реформските процеси во судството започнуваат токму од Судскиот совет и дека неговото правилно функционирање е предуслов за враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем.

