По повод 80-годишнината од основањето на Обединетите Нации, претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, испрати порака во која ја потенцира важноста на мултилатерализмот, реформите во ОН и улогата на малите држави во зачувувањето на глобалниот поредок заснован на правила.

„Обединетите Нации се издигнаа од урнатините на Втората светска војна за да спречат идни војни, да ги почитуваат човековите права и да ја унапредат правдата. Осум децении подоцна, за жал, многу од тие достигнувања се поткопани“, порача Силјановска-Давкова.

Таа предупреди дека мултилатералниот систем е сѐ повеќе парализиран токму кога е најпотребен, наведувајќи дека Обединетите Нации денес се приближуваат до моментот на Лигата на народите – историски пример за неуспешен систем на меѓународна соработка.

„Македонските граѓани ги почувствуваа двојните стандарди уште од првиот ден на нашето членство во ОН во 1993 година“, изјави претседателката, повикувајќи на фер и ефикасен мултилатерализам.

Силјановска-Давкова ја истакна поддршката на Северна Македонија за усвојувањето на „Пактот за иднината“, нарекувајќи го „обновен глобален општествен договор“ што ги потсетува сите држави не само на нивните права, туку и на должноста да се грижат за заедничкиот систем.

„Оваа годишнина е повик за будење. Од нас зависи дали ОН ќе продолжат да градат иднина на мир, правда и напредок на здрава планета“, порача таа.

Претседателката честиташе и роденден на организацијата со зборовите: „Среќен роденден, Обединети Нации!“

Leave A Reply

Exit mobile version