Категорично ги демантираме наводите и сериозните обвинувања изнесени од Националниот парк „Шар Планина“, кои содржат неточни информации и претставуваат клевета кон нашето работење. За истите, без никаква отстапка, ќе бидат преземени сите со закон дозволени правни мерки, велат од Хотел Арена.

„Посебно нагласуваме дека уплатата на средства кон јавна институција не претставува поткуп, туку редовна финансиска трансакција. Конкретната уплата е извршена согласно ценовник и писмен допис кои ни беа доставени од самиот Национален парк „Шар Планина“ на нашиот официјален електронски мејл. Во прилог на ова, постојат материјални докази кои ја потврдуваат наведената постапка.

Тврдењата дека средствата се уплатени „без фактура или барање“ се тенденциозни и не ја отсликуваат фактичката состојба. Уплатата претставува авансна уплата, што е вообичаена пракса при започнување или регулирање на деловна соработка со јавни институции.

Дополнително, дејноста скијање со ратрак не е забранета, туку е веќе регулирана од страна на Националниот парк „Шар Планина“, согласно важечкиот План за управување со паркот. Оттука, обидите истата да се прикажат како нелегална или нерегулирана се неосновани и погрешни.

Ги отфрламе сите инсинуации за незаконско постапување и сметаме дека ваквите јавни настапи нанесуваат штета на угледот на нашата дејност и на туристичката понуда на “Хотел Арена” и “Ескимо Фрирајд” на Попова Шапка. Очекуваме надлежните институции објективно и темелно да ја утврдат фактичката состојба.

Во интерес на вистината и јавноста, остануваме отворени за институционален дијалог, но нема да дозволиме ширење на дезинформации и нарушување на нашиот углед“, стои во демантот од Хотел Арена.

Exit mobile version