Денеска во Скопје се одржува македонско-српски бизнис форум во хотелот „Александар палас“, на кој учествуваат над 200 компании и најмалку 300 учесници, со цел интензивирање на економската соработка меѓу двете земји.
Вицепремиерите Иван Стоилковиќ (Северна Македонија) и Адријана Месаровиќ (Србија) вчера по посетата на компаниите „Пекабеско“ и винаријата „Камник“ оценија дека потенцијалот за соработка е голем, особено во прехранбената индустрија. Иако оваа година се бележи раст во трговската размена, се најавува дека постојат многу поголеми потенцијали.
Пред почетокот на форумот, Стоилковиќ и Месаровиќ ќе потпишат Меморандум за разбирање во Владата, со кој ќе се официјализираат чекорите за посилна економска интеграција.
Владината прес-служба утрово информираше дека поради здравствени причини се откажува присуството и обраќањето на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на форумот.

