Процесот на откуп на тутунот од ланската реколта влегува во завршна фаза. Досегашните податоци покажуваат дека откупувачите презеле околу 25.000 тони тутун, а постигнатата просечна цена изнесува 419 денари по килограм.
Иако динамиката на терен се намалува, од Сојузот на земјоделските здруженија смируваат дека законскиот рок за преземање на тутунот е до крајот на наредниот месец.
„Привршува откупот на тутунот од ланската реколта. Но потсетувам, дека и кооперантите и откупувачите треба да знаат, законски, откупот на тутунот трае до 28 февруари. Се појавуваат информации дека е хаос во откупот. Тоа не е точно и не треба да се доведуваат тутунопроизводителите во заблуда“, вели Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија.
Ристески појасни дека намалувањето на бројот на откупни пунктови е вообичаен процес кој се случува секоја година поради помалите преостанати количини. Тој апелираше до тутунарите за трпение со цел да се зачува квалитетот на родот.
„Тутунопроизводителите да не се плашат, целиот род ќе им биде откупен. Треба да бидат трпеливи, да им се исуши тутунот и да може да им биде откупен во прва класа“, порача тој.
По завршувањето на празничниот период, Сојузот планира средби со ресорното министерство и со откупувачите за да се утврдат деталите и цените за новата реколта.

