Прекината седницата за сертификатот по англиски на директорот на Агенцијата за национална безбедност

 


Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за дополнување на две точки на дневниот ред, ја прекина седницата за иницијативата поднесена од СДСМ за, како што велат, незаконското назначување на директорот на АНБ, Бојан Христовски.

Претседателот на Комисијата за надзор врз работата на разузнавачките служби, Скендер Реџепи, од Европскиот фронт ја прекина седницата.

Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, рече дека ВМРО-ДПМНЕ со ова потврдило дека Бојан Христовски е незаконски именуван за директор на АНБ.

„Ова што денес го видовме на седницата на Комисијата за надзор над работата на АР и АНБ е чист доказ дека бегаат од соочување со јавноста. Злоупотребувајќи го мнозинството тие денес спречија одржување на седница и расправа за прашањата чии одговори ги чека цела јавноста, и домашната и меѓународната. Ова денешно однесување на власта покажува само едно, тиранија на мнозинството и целосно отсуство на демократски капацитет за владеење на правото“, рече Петровска.

Пратеникот Тони Јаревски од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, пак, ги обвини СДСМ и ДУИ за театар.

„Имено, како што сите видовте, на самата седница која што беше отворена, ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери имаа јасна намера да ја поддржат иницијативата. Иако имаше деловнички пречки за истата, иако не беа исполнети условите кои што се налагаат од страна на Деловникот, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржеше иницијативата да се дискутира за оваа точка. Тоа беше недвосмислена намера, јасно го кажавме, јасно го покажавме на самата седница. Она што фрапира е неможноста за една основа потреба за изјаснување согласно деловничките одредби за дополнување на точки на дневен ред. Ниту на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на предлог на СДСМ. Претседателот на Комисијата кој доаѓа од редовите на опозицијата, воопшто не дозволи изјаснување за самиот предлог за точките на дневен ред и навистина не ми е јасно зошто колешката Славјанка Петровска има несогласување и нешто не и’ е јасно“, рече Јаревски.

Новиот директор на АНБ беше присутен на седницата и ја следеше дискусијата.

12.11.2024 - 14:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега