По повод 35-годишнината од прогласувањето на независноста, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски испрати соопштение до јавноста во кое ги посочува безбедноста и борбата против криминалот како клучни елементи на државниот суверенитет.
Тој се осврна на историската одлука на граѓаните од 1991 година.
„Пред 35 години македонскиот народ и граѓаните на Македонија донесоа историска одлука, да бидеме свои на своето, слободни во сопствената држава и одговорни за сопствената иднина. На 8 Септември 1991 година Македонија го отвори современото поглавје на својата независност и државност“, вели Тошковски.
Министерот подвлекува дека зачувувањето на државата бара постојана ангажираност на сите нивоа.
„Денес, три и пол децении подоцна, со длабока почит кон сите генерации кои се бореле, создавале и ја граделе македонската држава, наша должност е да ја продолжиме нивната мисија. Да ја направиме Македонија посилна, побезбедна, поправедна и поуспешна. Независноста се потврдува секој ден, со силни институции, со почитување на законите, со бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, со заштита на националните интереси и со држава која стои зад секој свој граѓанин“, посочува тој.
Тошковски порача дека институциите мора да делуваат во интерес на сите граѓани.
„Како министер за внатрешни работи, мојата обврска е јасна: Македонија да биде безбедна држава, држава во која законот важи за секого и во која институциите се посилни од секој поединечен интерес. Но нашата заедничка обврска е уште поголема. Да оставиме Македонија на следните генерации подобра од онаа што ја наследивме. Да изградиме држава во која младите ќе ја гледаат својата иднина, во која трудот се вреднува, знаењето се почитува, а успехот се создава со работа и одговорност“, се наведува во честитката.
На крајот, тој ги упати своите празнични желби за 8 Септември.
„„Силно светнал ден“ нека биде наша определба. Македонија да свети со својата сила, со своето достоинство, со своите успеси и со увереноста дека најдобрите години допрва доаѓаат. Пред 35 години ја избравме независноста. Денес наша задача е да ја зацврстиме државата и да изградиме Македонија достојна за идните генерации. Нека ни е честит 8 Септември – Денот на независноста! Да живее Македонија!“, нагласува Тошковски.


