Продолжениот викенд повторно ги насочи македонските граѓани кон Грција, а првиот знак за тоа се зголемените колони возила на граничниот премин Богородица. Утрово, патниците што се упатиле кон јужниот сосед чекале околу 40 минути за преминување на границата.
Според информациите на Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), на Богородица се регистрира зголемена фреквенција на возила. На останатите гранични премини од македонска страна, засега, нема подолги задржувања при влез и излез од државата.
Причината за засилениот сообраќај е празникот 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, кој е неработен ден и носи продолжен викенд. За многумина, трите слободни дена се одлична можност за кратко бегство од секојдневието, при што Солун и овојпат се издвојува меѓу најомилените дестинации за македонските турити.


