Откако Владата не го потпиша колективниот договор за повисоки плати, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) преминува на радикални чекори. Претседателот Слободан Трендафилов најави дека првата блокада ќе се случи во вторник, на 10 февруари, пред Собранието. Целта е јасна: на пратениците нема да им биде дозволен влез со автомобили, а со тоа ќе останат и без патни трошоци за тој ден.

„Пратениците ќе треба да поминат покрај работниците и да објаснат зошто предлогот за повисоки плати го чуваат во фиока. Ќе мора да дојдат пеш или со автобус, исто како и илјадници работници во државата“, порача Трендафилов.

Борбата продолжува на 12 февруари со блокада на работодавачите, а на 17 февруари „под опсада“ ќе биде и Владата. ССМ е дециден: бараме минимална плата од 600 евра и линеарно покачување од 100 евра за сите – во спротивно, следен чекор е генерален штрајк.

Exit mobile version