Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во пресрет на лидерската средба: Нема промена на Уставот под бугарски диктат

 

Пратеничката група на Коалицијата „За обнова на Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на одржувањето на лидерската средба го реафирмира ставот за неотварање на Уставот на Македонија, а со цел уставни измени.

„Уставните измени кои ги прифаќа македонската влада предводена од СДСМ и ДУИ се производ на диктат и под услови кои не се прифатливи за македонските граѓани.

Апелираме до Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и национални интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење на таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани.

Собранието не треба да се доведе во позиција за исполнување на поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта туку да служи на суверенот - граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение испратено до медиумите.

„Пратеничката група на Коалицијата „За обнова на Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ со овој став упатува раководството на партијата, сите политички претставници на Коалицијата „За обнова на Македонија“ и претседателот на партијата проф. д-р Христијан Мицкоски на претстојната лидерска средба да ги реафирмира ставовите за неприфаќање на уставните измени и да се почитуваат интересите на граѓаните.

Македонските граѓани отсекогаш силно ја поддржувале и ќе продолжат да ја поддржуваат  европската интеграција на државата, но тоа не треба да прерасне во понижувачки процес за прифаќање на диктати туку процес за прифаќање и почитување на вредности. Оттука како пратеничка група на Коалицијата „За обнова на Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ бараме во името на огромното мнозинство македонски граѓани фер шанса иста каква што ја имаа останатите народи и држави од Централна и Источна Европа кога пристапуваа кон Европската Унија“, додаваат оттаму.

05.06.2023 - 14:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега