Познат е идентитетот на двајца од приведените за убиството во Железара

 

Кривичниот суд им определи мерка куќен притвор од 48 часа на двајца од вкупно тројцата приведени за поврзаност со убиството на матичниот доктор на паркингот пред Поликлиниката Железара.

Во соопштението од кривичниот суд се откриваат и иницијалите на двајцата кои беа приведени завчера вечерта.

„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје за определување мерки за претпазливост против две лица кои во текот на вчерашниот ден беа спроведени во судот, а поврзани со Убиството на лекар во населабата Железара, донесе решнија со кои: Предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје за опредлеување мерка краткотраен куќен притвор против Г.Д. и И.Д. за кои постои сомнение за кривичното дело Убиство од чл. 123 ст. 1 се прифаќа и им се определува 48 часовен куќен притвор“, велат од Кривичен суд.

Полицијата вчера приведе уште едно лице, но за него засега нема никакво барање за притвор од страна на Јавен обвинител.

Истражните органи се уште ги чекаат резултатите од вештачењата на материјалните докази. 

Мотивите за убиството се уште не се докрај јасни, но техничкиот министер за внатреши Панче Тошковски веќе рече дека според првичните информации, мотивот не е поврзан со неговата професија.

Истражителите досега прегледале повеќе од 50 видео записи од безбедносни камери, а презеле 20 истражни дејствија. 

Минатиот четврток, околу 23:00 часот, матичниот доктор Ацо Трповски беше пронајден мртов со девет убодни рани на паркингот пред Поликлиниката Железара. Го нашле неговите синови кои почнале да го бараат откако не се вратил дома во предвиденото време. 

 

29.03.2024 - 14:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега