Пожарникарите се борат со пожарот во близина на Мармарис (ВИДЕО)

 

Пожарникарите се уште се обидуваат од копно и од воздух да го локализираат шумскиот пожар на југозападниот дел на Турција, во близина на познатото летувалиште Мармарис.

Сцените од запалената шума во близина на егејското поморско одморалиште Мармарис, во турската провинција Мугла, ги обновиле стравувањата дека минатогодишните пожари би можеле да се повторат, кога беа уништени околу 140.000 хектари шума низ регионот, објави Ројтерс.

Полицијата со водени топови им помага на пожарникарите да го изгаснат пожарот што избувна во вторникот околу 20 часот и зафати повеќе од 3.400 хектари земјиште, пренесува медиумот.

Властите соопштија дека едно лице е уапсено под сомнение дека е вмешано во пожарот. Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави дека лицето признало дека го предизвикало пожарот од фрустрација поради семејни проблеми.

„Имаме осомничен од моментот кога почна овој инцидент“, изјави Сојлу пред новинарите и додаде дека на лице место се пронајдени две барели нафта.

Министерот за здравство Фахретин Коча соопшти дека се повредени 29 лица, а две лица се уште се сместени во болница. Претходно министерот за шумарство Вахит Киришчи изјави дека 274 лица се евакуирани како мерка на претпазливост, а околу 2.600 луѓе работат на локализирање на пожарот.

24.06.2022 - 11:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега