Пожарот во кавадаречкиот регион и натаму е активен, но неговиот интензитет е значително намален по целоноќната интервенција на пожарникарите, информираше утрово директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Од ДЗС и Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека од 6 часот утринава на терен се ангажирани повеќе екипи кои дејствуваат на два правци за локализирање на пожарот во Општина Кавадарци.

На правецот од село Дреново кон село Ќесендре интервенираат екипи на ЈП „Комуналец“ – Кавадарци со цистерна, скип и двајца вработени, припадници на Министерството за внатрешни работи со едно теренско возило „пинцгауер“ и четворица припадници, како и екипи од ЈП „Национални шуми“ – подружница „Бор“ Кавадарци со камион, џип и четворица вработени. Во овој правец се вклучени и осум пожарникари од ТППЕ Кавадарци со две возила „пинцгауер“ и едно теренско возило „Лада Нива“.

Вториот правец на интервенција е во реонот кај село Раец, каде на терен работат екипи од ЈП „Комуналец“ – Кавадарци со цистерна за вода и скип, пожарникари од ТППЕ Кавадарци со противпожарно возило и петмина пожарникари, екипа од ТППЕ Неготино со џип и четворица пожарникари, како и припадници на МВР.

Според информациите, пожарот зафатил најмногу нискостеблеста вегетација.

Exit mobile version