УХМР издаде метео предупредување за топлотен бран на територијата на Македонија.
-Под влијание на топла воздушна маса од југ продолжува периодот на сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност во текот на денот. Дневната температура насекаде ќе биде над 33°C, а во некои места ќе надмине 40°C. Високи температури ќе се задржат и во текот на ноќните часови, велат од УХМР.
Според најавите на УХМР, топлотниот бран ќе продолжи и во следните неколку дена, при што на одредени места температурите ќе надминат 40 степени. Од четврток па сè до крајот на неделата, во попладневните часови ќе има услови за развој на локална нестабилна облачност, со можност за краткотраен пороен дожд и грмежи.
Ова се препораки за граѓаните за горештините кои ја зафаќаат Македонија:
Избегнувајте директна изложеност на сонце во најтоплиот период од денот, особено од 10 до 17 часот.
Пијте доволно течности, најдобро вода, дури и кога не чувствувате жед.
Носете лесна, широка и светла облека, како и капа или шешир при престој на отворено.
Користете заштита од сонце и престојувајте во разладени простории кога е можно.
Избегнувајте тешка физичка работа и спортски активности во најтоплите часови.
Не оставајте деца, постари лица или домашни миленици во паркирани возила, дури ни кратко време.
Возрасните лица, хронично болните, бремените жени и малите деца треба да бидат особено внимателни.
Редовно проверувајте ги лицата кои живеат сами или имаат потреба од помош.
Внесувајте лесна храна, повеќе овошје и зеленчук, а избегнувајте тешки и масни оброци.
Проветрувајте ги просториите во раните утрински и вечерните часови, а во текот на денот затворете ги ролетните или завесите.
При појава на симптоми како вртоглавица, слабост, главоболка, мачнина, забрзано чукање на срцето или збунетост, потребно е веднаш да се побара медицинска помош.


