Повторно одложено судењето за несреќата во која загина Теодора Ристовска
Во Основниот суд во Тетово по втор пат се одложи почетокот на повторното судење на Менсур Пајазити обвинет за сообраќајната несреќа во која животот го загуби 22 годишната Теодора Ристовска. Како и за првото одложување на 27 март, судијата Елведин Ферати наведе дека обвинетиот доставил поднесок до судот во кој навел дека од здравствени причини нема да присуства на рочиштето. Потоа судијата донесе решение со кое ја одложи главната расправа за 7 април 2025 година во 12 часот и 30 минути.
-Од наша страна ќе биде проверено дали навистина е во болница, дали навистина му е потребно лекување. И дали во овој период од одлагањето тој се јавува на работа затоа што е наставник во гимназија во Тетово. Затоа што, ако е на боледување, како оди на работа, за што ќе се потрудиме до наредната расправа да добиеме одговор од надлежните институции, изјави адвокат Наташа Ѓорчевска, бранител на семејството на Теодора.
Семејството на Теодора е револтирано од вака поставениот судски систем кој овозможува одолговлекување на судењето.
-Мора да има системски промени. Како може Апелација да ја укине пресудата од 3,5 години. Јас се сомневам на можен поткуп. Како може истиот да се жали до Врховен суд, а ние немаме право на жалба. Го молам и претседателот на Владата да преземе одговорност за оваа работа, мора да има системски промени. Три години не мачат. Ќерка од 22 години ја изгубив, ја убија. Мора да се борам за неа, јас плачам за правда. Не плачам за друго. А правдата ја нема во Македонија, изјави Круме Ристовска.
Група млади лица пред Основниот суд во Тетово протестираа и истакнаа транспаренти преку кои се бара правда за Теодора.
По сообраќајната несреќа во август 2022 година, првото судење почна скоро една година подоцна во јули 2023, а во ноември 2023 по признавање на вина на возачот, бил осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелацискиот суд ја намалил казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укинал двете пресуди на Основниот и Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа