Екстремно високите температури кои ја зафатија државата веќе сериозно се одразуваат врз здравјето на граѓаните, а во Скопје е регистриран зголемен број интервенции на екипите на Брзата помош.
Најпогодени од топлотниот бран се повозрасните лица, иако медицинска помош сè почесто бараат и помлади граѓани.
Доктор Ана Џарева од Брза помош – Скопје информира дека само во текот на утринските часови биле регистрирани повеќе од пет колапси на јавни места, најчесто кај постари лица.
Освен овие случаи, евидентиран е и значително зголемен број повици од граѓани кои се пожалиле на здравствени проблеми предизвикани од екстремните горештини.
Најчестите симптоми поради кои граѓаните барале медицинска помош во текот на денот се болки во градите, вртоглавица, слабост и општа малаксаност.
Во текот на денот е интервенирано и кај 37-годишна жена на која ѝ се слошило додека се наоѓала во возило.
Покрај здравствените интервенции поврзани со високите температури, екипите на Брзата помош имале и неколку повици поради сообраќајни незгоди, меѓу кои и случај во кој велосипедист бил удрен од автомобил.
Лекарите повторно апелираат граѓаните да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, кога температурите се највисоки. Доколку излегувањето е неопходно, се препорачува носење лесна и светла облека, капа и очила за сонце, како и редовно внесување вода и природни сокови.
Истовремено, медицинските лица советуваат да се избегнуваат алкохолни и кофеински пијалаци, како и тешка и мрсна храна. Лицата со хронични заболувања треба редовно да ја земаат препишаната терапија и да избегнуваат нагли премини од климатизирани простории на високи надворешни температури.
Од Брзата помош предупредуваат и на поголема внимателност во сообраќајот, бидејќи жештините можат да предизвикаат намалена концентрација, замор и побавни реакции кај возачите и останатите учесници во сообраќајот.


