Министерството за спорт, предводено од министерот Борко Ристовски, и Синдикатот на администрација, државна управа и правосудство (САДУ), претставуван од претседателот Благоја Ралповски, денеска потпишаа Колективен договор за вработените во ова министерство. Ова е прв ваков документ за институцијата по нејзиното формирање во јули 2024 година.

Со новиот договор значително се унапредуваат работничките права и се обезбедуваат поповолни услови од досегашните законски решенија во јавниот сектор.

„Со овој договор значително се унапредуваат правата на вработените, се обезбедуваат поповолни услови од оние предвидени со досегашните законски решенија и важечките колективни договори во јавниот сектор. Документот опфаќа нови и проширени права за вработените, со цел подобрување на статусот и условите за работа“, се вели во официјалното соопштение од Министерството за спорт.

Етапно зголемување на платите

Клучната новина е планираното покачување на платите за административните службеници, кое ќе се реализира во три фази до 2028 година:

  • 7% зголемување од 1 март 2026 година;
  • Дополнителни 7% од 1 март 2027 година;
  • Дополнителни 7% од 1 март 2028 година.

Со ова, вкупното зголемување на примањата ќе изнесува 21% во наредниот тригодишен период. За вработените кои немаат статус на административци, платите ќе се уредуваат согласно Законот за минимална плата.

Дополнителни бенефити и заштита

Освен повисоки плати, договорот прецизно ги регулира и:

  • Додатоците за ноќна, сменска и прекувремена работа;
  • Платените и неплатените отсуства и јубилејните награди;
  • Гаранциите за безбедност при работа и заштита од вознемирување на работното место;
  • Надоместоците за трошоци поврзани со работата.

Од Министерството порачуваат дека овој чин е доказ за силната посветеност кон социјалниот дијалог и градењето на модерна и ефикасна јавна администрација.

Exit mobile version