Претовар и нелегална размена на голема количина шверцувана стока на самата гранична линија кај селото Танушевци активираше итна меѓународна полициска потера, при што едно од возилата излетало од патот при филмско бегство.
Криминалниот бизнис во пограничната зона бил пресретнат во моментот кога шверцерите ја префрлале стоката од косовски камион во возило со скопски таблички. Кога полицајците тргнале да ги апсат, возачот на косовскиот камион стиснал на гас и дрско пребегал на територијата на Косово, каде што под притисок на тамошната специјална единица излетал од коловозот.
„Денеска околу 08:00 часот, полициските службеници од РЦГР Север, постапувајќи согласно Оперативниот план за спречување на криумчарење преку државната граница, на подрачјето на с. Танушевци, поточно на граничната линија помеѓу с. Танушевци и с. Мијак, забележале лица како вршат претовар и размена на стока во товарно возило „фолксваген“ со косовски национални ознаки и товарно возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки. Веднаш се преземени соодветни мерки и активности за запирање на возилата и легитимани на лицата, по што од слобода е лишен А.А. (43) од Скопје, кој го управувал возилото „пежо“, додека возачот со возилото „фолксваген“ се дал во бегство на косовска територија. Воспоставена е координација со припадници на косовската полиција- Task Force, кои презеле мерки за негово запирање, при што возилото излетало од патот. Двете возила се одземени за понатамошна постапка, известен е јавен обвинител и по целосно расчистување на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок“, соопштија од МВР.


