Директорката на гостиварскиот „Водовод“ – Артана Асани во изјава за тв Телма вели дека зголемениот број на заболени лица во Гостивар не е поради загадената вода.
Таа ги негира информациите на надлежните институции кои ја забранија водата за пиење во Гостивар поради сомневање дека таа е загадена и е извор на епидемијата која се шири во градот.
Асани вели дека „меѓу заболените има и лица кои пиеле само флаширана вода“ и според неа причина за заболувањата на над 1.200 граѓани била храната што ја јаделе или високите температури.
Најновите информации од Гостивар се дека водата таму сега е кафена.
Агенцијата за храна и ветеринарство издаде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека водата е загадена и небезбедна за употреба.
Од АXВ велат дека со вонредниот инспекциски надзор утврдено е дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение поставена е пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем.
И од СВР Тетово ги потврдуваат сомневањата за загадување на водата.
„Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот.


