Обилните врнежи од дожд кои го зафатија струмичкиот регион предизвикаа поплавување на земјоделски површини и дворови во селата Муртино и Сачево, но состојбата полека се става под контрола. Од Регионалниот ЦУК Струмица информираат дека нивото на реките се стабилизира, вклучително и критичната река Тркања која вчера преливаше на влезот во градот.

Градоначалникот Петар Јанков потврди дека екипите на „Комуналец“ и приватна механизација работеле цела ноќ на критичните точки во Муртино за да се спречат поголеми штети. Слична драма се одвивала и во општина Босилово, каде градоначалникот Ристо Манчев информираше дека со брза реакција кај Моноспитовскиот мост е спречено излевање на реката Водочница и поплавување на селото Моноспитово.

Невремето создаде сериозни проблеми на патната инфраструктура во југоисточниот дел на државата. Во Валандово, Калковска река се излеа преку регионалниот пат Валандово-Удово, по што мораше итно да се интервенира со механизација за санирање на штетите.

Во радовишкиот регион, екипи на ЈП „Плаваја“ интензивно работат на мостот меѓу селата Јаргулица и Покрајчево за да се овозможи безбедно одвивање на сообраќајот. Според мерењата на УХМР, во Струмица наврнале 20 литри дожд на метар квадратен, а надлежните остануваат на терен со песок и машини за да реагираат на секое ново зголемување на нивото на водотеците.

Exit mobile version