Поплави и во Мјанмар: 220 загинати
Бројот на загинати лица во Мјанмар од тајфунот Јаги се искачи на повеќе од 220, додека речиси 80 лица сè уште се водат како исчезнати, објави воената влада.
Тајфунот на почетокот на септември го зафати северен Виетнам, Лаос, Тајланд и Мјанмар и досега однесе над 500 животи во регионот, според официјални податоци.
Јаги предизвика сериозни поплави и одрони во Мјанмар, при што најмалку 226 лица загинаа, а цели села се уништени.
Со стотици илјади хектари уништени насади, ОН предупреди дека на повеќе од половина милион луѓе во оваа од војна разурната земја им е итно потребна храна, вода за пиење, засолниште и облека.
Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (UNOCHA) соопшти дека околу 631.000 лица се погодени од поплавите во Мјанмар.
Агенцијата додаде дека се прекинати комуникациските линии, патиштата се блокирани, а мостовите оштетени, што сериозно ги попречува обидите за доставување помош.
Лошата комуникација, особено со оддалечените области, дополнително ја отежнува прибирањето податоци за жртвите.
Според Светската програма за храна (WFP), овие поплави се најлоши во поновата историја на Мјанмар.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа