Половина од училиштата во Кисела Вода опремени со сензорни соби, отворена нова во ООУ „Круме Кепески”

 

 

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес го посети ООУ „Круме Кепески”.

Заедно со претставници од Фондацијата „Чекор по чекор“, во овој објект отворија нова сензорна соба, која значително го олеснува и унапредува образовниот процес на учениците со попреченост. Сензорната соба, која е дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, е со површина од 50 м2. Сместена е во просторија која пред темелното реновирање беше училница што не се користеше. Заедно со денес отворената, општина Кисела Вода сега има сензорни соби во половина од основните училишта на своја територија, но интензивно се работи бројот да се удвои, односно сите училишта да имаат ваква сензорна соба, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

„Денес сме во ООУ ‘Круме Кепески’ во Кисела Вода, каде што уште еднаш со проект потврдуваме дека инклузијата на лицата со попреченост високо котира на листата на приоритетите за дејствување на Општина Кисела Вода. Годината ја почнавме со отворање на првата инклузивна градинка во Скопје, лоцирана во Усје, мината година отворивме сензорни соби во две други училишта, а од денес и 21 ученик со попречност од ова училиште добија просторија, која е уредена со рехабилитациско-рекреациска опрема и мноштво дидактички материјали и сензорни елементи. Со реализацијата на денешниот проект сме на половина од крајната цел – да им обезбедиме на сите 102 ученици од општината, кои имаат ваква потреба, да имаат сензорна соба во своето училиште, односно сите основни училишта што се под надлежност на Општина Кисела Вода да имаат сензорна соба. Ова е нешто на што интензивно работиме и кое најбргу што може ќе го реализираме. Во таа насока сакам да им се заблагодарам учесниците во проектот ‘Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран’, финансиран од Европската Унија, на Фондацијата за образовни и културни иницијативи ‘Чекор по чекор’, на Советот на родителите од ова училиште, како и на повеќе компании, кои преку својата општествена одговорност дадоа свој влог во креирањето подобра иднина за овие лица“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

„Фондацијата ‘Чекор по чекор“ веќе триесетина години ја промовира идејата дека со соодветна поддршка од рана возраст сите деца може да го развијат својот целосен развоен потенцијал. Во изминатите 25 месеци, колку што го спроведуваме проектот, реализиравме 43 училишни грантови, со кои го поддржавме подобрувањето на пристапноста и инклузивноста на некои од училиштата во кои учат 474 стипендисти на проектот. Проектот ‘Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран’ е финансиран од Европската Унија и го спроведуваат Фондацијата за образовни и културни иницијативи ‘Чекор по чекор’, заедно со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество ‘Инклузива’ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост ‘Хандимак’, а се реализира во соработка со Министерството за образование и наука. Со овој последен грант го опремивме овој мултисензорен простор во ООУ ‘Круме Кепески’ обезбедувајќи стимулативна средина за учење, развој и креативност без ограничувања“, изјави Елена Мишиќ, раководителка на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.

02.02.2023 - 12:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа