Во осврт пред денешното објавување на извештаите за напредок, бриселскиот портал „Политико“ ги оцени земјите кандидати, при што на Северна Македонија ѝ даде факултетска „осумка“.

Причина за оваа оценка е тоа што, и покрај промената на името во 2019 година, земјата останува попречена на патот кон ЕУ поради историскиот и јазичниот спор со Бугарија.

„Иако се очекува во извештајот да се забележи одреден економски напредок и посилно усогласување на надворешната политика со ЕУ, генерално, бројчаникот не се помести многу од минатата година“, се наведува во текстот на „Политико“.

Според порталот, најдобри оценки добиле Црна Гора („десетка“) и Албанија („десет минус“), додека Молдавија има „девет плус“, а Украина „солидна деветка“.

„Проблематичните студенти“, Србија и Босна и Херцеговина, кои се заглавени во политички кризи, добиваат „седумка“. Грузија, која е оценета дека е „во слободен демократски пад“, паднала на испитот со „петка“, додека Турција, чија кандидатура е замрзната, „целосно го отфрлила испитот“.

Во текстот се пренесува и изјава на црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, кој вели дека извештајот потврдува оти неговата земја е „најнапредната земја кандидат“.

„Верувам дека дојде време ЕУ да ја усогласи нашата амбиција со јасен политички сигнал: да започне со изготвување на Договорот за пристапување. Тоа би било признание за нашиот напредок и стратешка инвестиција“, рече Милатовиќ.

Exit mobile version