Претседателката на институциите во Приштина, Вјоса Османи, денеска објави дека потпишала указ за распуштање на Собранието. Одлуката следува откако пратениците синоќа не успеаја да обезбедат кворум за избор на нов претседател, со што се активираа уставните механизми за нови избори.

Османи на прес-конференција истакна дека неуспехот на Собранието да ја изврши својата обврска во законскиот рок ја наметнал оваа институционална реалност.

„Уставот јасно предвидува дека Собранието кое не успее да избере претседател не може бесконечно да го одложува процесот, како што се обидува, туку се соочува со јасен уставен механизам што води до негово распуштање. Фактот дека Собранието одлучи да не ги користи деновите што му се на располагање не ја поништува мојата јасна уставна обврска да го распуштам ова неуспешно Собрание“, изјави Османи.

Уставниот рок за избор на претседател истече на полноќ, а вонредната седница беше одложена бидејќи во салата беа присутни само 66 пратеници. Опозициските партии и Српска листа не учествуваа во процесот, а претходните преговори со Самоопределување за консензуален кандидат завршија без успех. Новите избори треба да се одржат во рок од 45 дена.

Exit mobile version