Полициските униформи станаа тријазични

 

Стапува во сила Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата која Владата ја донесе пред една година врз основа на Законот за употреба на јазиците, во главниот град Скопје и во другите општини каде што живеат најмалку 20 отсто граѓани од заедниците.

Во Градот Скопје, во општините во Градот Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, ознаките на основната униформа се: натпис „ПОЛИЦИЈА”, „POLICIA”, „POLICE”, натпис „СООБРАЌАЈНА ПОЛИЦИЈА“, „POLICIA E TRAFIKUT”, „TRAFFIC POLICE”, амблем „ПОЛИЦИЈА”, „POLICIA”, „POLICE”, амблем „ГРАНИЧНА ПОЛИЦИЈА”, „POLICIA KUFITARE”, „BORDER POLICE”, амблем во форма на штит со намалени димензии и метална ознака за шапка, пишува во Уредбата.

Тројазични стануваат и амблемите на Единицата за интервентна полиција.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски лани најави дека најдоцна до март годинава униформите на полицајците ќе бидат двојазични – на македонски и на албански јазик.

– Се спроведуваат сите процедури од март 2023 година полициските униформи да бидат на два јазика. Оваа регулатива стапи во сила осмиот ден откако беше донесена и ќе почне да се применува најдоцна една година од влегувањето во сила, поточно најдоцна на 26 март 2023 година, изјави Спасовски.

25.03.2023 - 20:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега