Во текот на изминатото деноноќие, полициските службеници спроведоа засилени контроли на патиштата низ целата држава, при што беа лишени од слобода 17 лица поради безобѕирно управување возила. Меѓу приведените се затекнати возачи во алкохолизирана состојба, лица кои управувале без возачки дозволи, како и еден случај на бегство од место на сообраќајна незгода.
Црната статистика на МВР за изминатите 24 часа бележи сериозно непочитување на законите во повеќе градови.
„Шест возачи од Крива Паланка, Куманово, Делчево и Радовиш управувале возило под дејство на алкохол. Возачот од Радовиш предизвикал и сообраќајна незгода, по што го напуштил местото на настанот… Осум возачи од Скопје, Делчево, Гевгелија, Богданци, Прилеп и Македонски Брод управувале возило без да поседуваат возачка дозвола, додека еден возач од Кочани управувал возило и покрај изречена активна забрана за управување. Во Кавадарци бил лишен од слобода возач кој управувал мотоцикл што не бил регистриран и без да поседува возачка дозвола, додека во Демир Хисар бил затекнат возач кој управувал патничко возило без возачка дозвола и под дејство на алкохол.“
Од Министерството за внатрешни работи уште еднаш предупредуваат дека ваквото однесување на патиштата директно ги загрозува човечките животи и најавуваат продолжување на редовните контроли.


