Најавеното невреме и лошите временски услови ги принудија организаторите на традиционалниот фестивал на виното „Виноскоп“ да направат итни измени во фестивалската агенда. Денешната дневна програма е целосно откажана, но организаторите ветуваат двојно поголема забава за утре, кога сите содржини ќе се преселат на добро познатата локација во Градскиот парк.
Јубилејното 15-то издание на фестивалот утре ќе понуди целодневна забава која ќе започне точно напладне и ќе трае сè до полноќ.
„Дневната програма на фестивалот „Виноскоп“ за денеска е откажана и се преместува за утре поради најавените врнежи и од безбедносни причини, соопштија организаторите. Согласно измените, утрешната програма ќе се реализира на Школка во Градскиот парк во Скопје, со почеток во 12:00 часот и ќе трае до полноќ. Во првиот дел од програмата, од 12:00 до 18:00 часот, посетителите ќе можат да уживаат во дневната програма со настапи на DJ Oky Doky, DJ Chvare и DJ Strajk.“
Веднаш по завршувањето на дневниот блок, забавата продолжува во вечерна атмосфера со разновиден музички концепт, каде акцентот ќе биде ставен на домашни изведувачи и бендови кои дополнително ќе ја загреат атмосферата под отворено небо.
„По 18:00 часот, програмата продолжува со настапите на DJ Resident, Hat and Harmony, DJ Bella, Мијата, Оркестар Дива, Ивана Карајан, Филип Карајановски и Пасио бенд. Организаторите најавуваат дека јубилејното 15-то издание на „Виноскоп“ ќе продолжи со вино, музика и фестивалска атмосфера под отворено небо.“


