Полицијата, роднините, извидници и доброволци - Македонија трага по исчезнато лице
Се уште трае потрагата по исчезнатото повозрасно лице од штипското село Степанци, кое е пријавено за исчезнато на 7 април во 16:20 часот преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Лицето последен пат било видено во саботата, 5 април. Известени се МВР Штип и Општина Штип, како и други институции и служби, здруженија и граѓани коишто можат да помогнат.
-Потрагата вчера се одвиваше во реонот на село Степанци. За денеска ќе нема организирана потрага, освен од страна на неговите поблиски роднини и пријатели. Но, за утре, 12 април, ќе се организира потрага на поголем реон. Планирано е да бидат вклучени по десет полицајци и извидници – членови на Извиднички одред „Еквинокс - Штип“, ловци - членови на ЛЗ „Ловец“ од Штип, доброволци - вработени од РЦУК Штип, лица од локално население од блиските села околу Степанци, а и роднини на исчезнатото лице, наведува ЦУК.
Центарот за управување со кризи соопшти дека во последното деноноќие имало вкупно 2044 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 од коишто „реални“ повици биле 56,65 отсто, а 43,85 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 70,27 отсто, кон Итната медицинска помош 21,08 отсто, кон пожарникарите 5,95 отсто и кон АМСМ 0,27 отсто од реалните повици на 112 во ЦУК.
-Имало шест пожари на отворено во последното деноноќие (Скопско, Битолско, Гевгелиско, Штипско, Кочанско и во Кумановско), а пожарникарите гаснеле, паралелно, и други пожари во населени места и сите биле изгаснати, информира ЦУК.
ЦУК го пренесува и известувањето на РЦУК Битола дека поради настанато свлечиште на патот што ги поврзува крушевското село Долно Дивјаци и демирхисарското село Кочишта, состојбата на патот оневозможува безбеден сообраќај.
-Поради тоа привремено, се до решавање на настаниот проблем, за сите категории на возила се забранува движење на дел од истиот патен правец. Забраната на сообраќајот е објавена преку средствата за јавно информирање и е означена со сообраќајна сигнализација, наведува Центарот за управување со кризи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа